ПОЛИГРАФОТ ЧАШУЛЕ (по повод 100 години од неговото раѓање)

 

Коле Чашуле е перманентно присутен на книжевната сцена кај нас и тоа како: раскажувач, драмски автор и романсиер. Но неговиот исклучителен творечки импулс, со подеднаков успех, се остварува и низ критичко-публицистички текстови, есеи и полемики, кои се во симбиоза со неговата извонредно плодна активност како општественик и амбасадор. И тој (како и Дерида), ќе рече Лидија Капушевска-Дракулевска во својот текст „Романите на Коле Чашуле помеѓу документарното и функционалното“ поставен како еден Омаж за него на електронското списание „Мираж“, „има безброј лица, но цел живот се занимава само со пишување: зад себе има над девет илјади (9000) публикувани страници; и тој (како и Дерида) е Син обвинет од Таткото (власта, моќта) поради фактот што се занимава (само) со пишување, наместо со некоја корисна работа (по аналогија на Франц Кафка и неговото култно „Писмо до татко ми“…).

Чашуле движејќи се во кругот на оние млади луѓе (гимназијалци и студенти) во Прилеп кои се сметале себеси за „напредни“ како да стои меѓу Блаже Конески („со својата идеологија на тивкиот, неупадлив и сив секојдневен живот, исполнет со грижи, неизвесности и тегоби за својата гола егзистенција“) и Борка Талески (како дел од „оној свет (политичка елита) кој се замислува себеси како „повикан“ да го (рако)води оној практичен свет кон поубаво утре“) (според Вангелов од книгата „Лирската биографија на Конески“, 2020: 35). Чашуле како да стои помеѓу Конески (духот и срцето) и Талески (телото и главата). Од тој аспект треба сериозно да се препрочита „Резиме за мојата генерација“ (1998). Затоа, во оваа пригода да се потсетиме само на два значајни моменти врзани со таа негова генерација.

Имено, може ли некој да му го оспори дружењето и растењето со Конески или пак поттикот што го имале за издавање заедничка збирка песни летото 1941-та? Па ете во годинава кога се одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески, во која се одбележуваат и 100-те години од раѓањето на Коле Чашуле, да можевме да ја прославиме и 80 годишнината од првообјавата на стихозбирката на македонски народен јазик потпишана од Конески и Чашуле, инаку поттикнати од веќе случените објави на Кочо Рацин во тогашна Југославија, но и на Венко Марковски, Коле Неделковски и Волче Наумчевски во Бугарија и како активност/издавачка дејност на Месниот комитет во Прилеп преку книжарницата на браќата Поповски. Таа е истата онаа книжарница која подоцна ќе ја издаде и поемата „Гоце“ на Венко Марковски. „Но, од таа работа ништо не стана.“, се сеќава Конески. „Дојдоа настаните, 11 Октомври. Чашуле замина во одред, после беше во затвор, дури и таа заедничка збирка што стоеше извесно време кај мене, и таа пропадна во војната. Не знам на кој начин.“ (според Андреевски од книгата „Разговори со Конески“, 2020: 102-103).

А може ли некој да го оспори и неговото учество во создавањето/раѓањето на песната позната како химна на македонското партизанско движење „А бре Македонче“? Имено, идејата за борбена песна се појавува веднаш по почетокот на востанието на 11 октомври 1941 година повторно во неговиот Прилеп. Задачата да создадат песна која ќе го подига борбениот дух и морал на борците, а воедно ќе го поттикнува населението за приклучување во партизанското движење, ја добиваат тројцата борци од првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“: Коле Чашуле, Крсте Црвенкоски и Ордан Михајлоски Оцка. Меѓу нив токму дваесетгодишниот Чашуле како литературно надарен е задолжен за текстот, вториот за идеолошката поента, а третиот како музички талентиран и образован, за мелодијата. Оваа песна ја доживува својата премиера во ноември 41-та, во прилепското село Царевиќ на првиот митинг во окупирана Македонија. Ова, велат историчарите, е првото ослободено парче земја во Европа во 41-та. Така што еве во рамките на ова промислување по повод 100 години од раѓањето на Коле Чашуле го вдомуваме и јубилејот – 80 години од праизведбата на оваа песна (со текст на Чашуле) која одекнува од тоа прво ослободено парче земја од грлата на членовите на одредот „Гоце Делчев“, засилени со грлата на жителите што присуствуваат на митингот. Создадена да биде морална поддршка во борбата, создадена да се пее за јуриш и за славење на победата, да се пее со восклик за слободата на човекот, за националното ослободување, за непоколебливоста… А нејзината поента: „македонско име нема да загине“ денес е исто така актуелна и инспиративна како и кога ја напишал.

Да го видиме сега Чашуле на полето на книжевноста. Некои од проследувачите признаваат дека неретко при првата срeдба на теоретичарот и писателот/авторот може да се изгради една погрешна перцепција кога се работи за Чашуле како еден вид „проблематичен писател“, како што истакнува Венко Андоновски во својата книга „О/Абдукција на теоријата“. Таа проблематичност, Чашуле ја гради преку градењето на своите приказни со кои им докажува дека нивните теории не се „баш највистинити“ и дека им е потребна ревизија (Андоновски, 2013: 372). Така Андоновски во својата истражувачка тема за структурата на македонскиот реалистичен роман како ‘контролни’ романи со кои може да ги потврди своите тези ги зема, како што нагласува тој, двата славни македонски романа – „Простум“ од Коле Чашуле и „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Но нешто помалку од 20-тина години подоцна го ревидира овој свој став истакнувајќи дека станува „збор за дело – хибрид, кое во себе носеше веќе целосно јасно видливи никулци на модернитетот“ (Андоновски, 2013: 374, означеното е мое), и затоа треба да се каже дека „Чашуле е всушност камен-темелник на нашиот прозен модернизам (пред Димитар Солев и Бранко Варошлија, иако тоа не го дисквалификува како припадник и на парадигмата ‘реалист’“ (Андоновски, 2013: 375, означеното е мое). Исто онака како што и Лидија Капушевска-Дракулевска вели дека неговите романи, условно (нагласува/м условно), му припаѓаат на македонскиот социјален, критички и „експресионистички“ реализам. Ама тоа не нè спречува и да го прогласиме и за прв македонски модернист, зашто пред оваа ситуација со прозата треба да се истакне општото место во македонската драма (театрологија) каде Чашуле најпрвин „со „Вејка на ветерот“, а потоа и со „Црнила“ го поставува и темелот на македонскиот театарски модернитет и, дека со тоа конечно се раскинува со вулгарниот реализам и фолклоризам. Се влегува во зоната на модернитетот, психологизацијата на ликот (тука парадигма е младичот Орце од Црнила), во судирот на единката со колективот и со себеси, во апсурдот на тие судири.“ (Андоновски, 2013: 386). А згора на сè, и драмата „Партитура за еден Мирон“ која се чита и како прва драма на апсурдот во македонската драмска литература и која заедно со „Дивертисман за еден Стрез“ напишана триесеттина години подоцна од партитурата, како што вели Виолета Димова во својот текст „Човекот во функција на идејата – партитура или дивертисман?“ (поместен во зборникот „Чашуле, отпосле“ (Скопје. МАНУ, 2013), приреден од Јелена Лужина), го открива „неговиот сартровски (егзистенцијалистички) и камиевски (апсурдно-модернистички) пристап кон општествените и политичките настани“ (Димова, 2013: 315)

Од друга страна, „Вејка на ветерот“ станува неодминлива не само во контекст на драмскиот опус на Чашуле, туку и во контекстот во проследувањето на македонската современа драма. Самиот автор на ова свое дело во текот на годините повеќе пати одново му се навраќа, на ист начин, како што и промислувањето на/за модерниот тек на македонската драма многупати одново започнува со промислување на „Вејка на ветерот“ (во овој текст само ќе ги наброиме прочитите на Гане Тодоровски од 1978, Нада Петковска и Јелена Лужина од 1995, Борис Павловски од 2000, Мишел Павловски од 2003, Наташа Аврамовска од 2004 и Иван Додовски од 2013). Имено уште со своето прво сериозно драмско дело Коле Чашуле почнува да гради една драматика на симулакрумот како темелна творечка постапка. Или како што вели Наташа Аврамовска во својата книга „Во вителот на дореализацијата (дуплото дно на македонската драма)“: „Сеедно дали станува збор за обработка на печалбарската тема (Вејка, Роднокрајци), за тематизација на тоталитаристичкиот режим (Вител, Партитура на еден Мирон, Дивертисман на еден Стрез), или за драма која интертекстуално реферира на македонската нацинална историја (Црнила, Суд), основата на драмското дејство секогаш е поставена во соочувањето – при нивното неразликување – на стварноста и фикцијата. Во тој краен исход, Чашулевата драма се согласува во продуктивното автореференцијално сооднесување со режисерскиот театар.“ (Аврамовска, 2004: 145)

Така што одѕвонува вистината дека за Чашуле како модернист во раскажувањето малку е пишувано на сериозен/темелен начин (освен што пишувале веќе споменатите Андоновски и Капушевска-Дракулевска, како и Златко Крамариќ) и тоа треба што поскоро да се исправи. Но, вистинската причина зошто е тоа така лежи во следниов факт: „кога е човек полиграф (како што е тоа Чашуле)“, а потврда се и оние веќе истакнати над девет илјади (9000) публикувани страници, „обично ѝ се дава предност на едната литературна негова практика пред другата. Така и во случајот: се говори многу повеќе за неговиот театарски модернитет и за неговата модернистичка театарска осоновоположничка дејност, а модернитетот на неговата проза останува – настрана.“ (Андоновски, 2013: 386-387) И тоа е така зашто театарот е повидлив и погласен од самата книжевност.

Затоа, во оваа пригода – по повод 100 години од неговото раѓање да упатиме и еден апел за сериозно исчитување на романсиерот Чашуле. Тој креира една богата проза која умее да води еден полифоничен дијалог со историската реалност (кажано со речникот на Бахтин). Зашто кај него, како што нагласува Лидија Капушевска-Дракулевска, „паралелно и покрај мноштвото фиктивни ликови, егзистира цела плејада вистински, историски личности, веќе дефинирани во свеста на колективот, но не ретко во улога на двигатели на дејствието се појавуваат и членовите на неговото семејство.“ „Романите на Чашуле се парадигма за двојна реинтерпретација на историјата: од страна на самиот Чашуле, од една, и од страна на потенцијалниот читател на неговите романи, од друга страна. “ (Капушевска-Дракулевска, 2013, означеното е мое) Затоа да се фатиме на сериозно читање и исчитување и на уште посериозно пишување!

Автор: Весна Мојсова-Чепишевска

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *