Книжевна препорака за „Сината е најтоплата боја“ од Жил’ Маро

„Сината е најтоплата боја“ е приказна за првата љубов, но за вистинска прва љубов што нè обележува засекогаш и ни го менува животот. На тоа, веројатно, се должи фактот што книгата толку лесно комуницира со публиката и што читателите ја наоѓаат за толку блиска и прифатлива. Освен тоа, приказната што е раскажана во книгата е интимна, искрена, топла и длабоко човечна. За да го дополни овој ефект на искреност, Жил’ Маро ја визуализира нарацијата на приказната, преточувајќи ја во графички роман. Бидејќи Маро по образование е илустратор/ка, вешто го користи визуелниот израз за да го засили, дополни или целосно да го замолчи раскажувањето, постигнувајќи на тој начин – секако – поголема драматичност, но и успевајќи емотивно да го „врзе“ читателот за дејството. Според тоа, стрипот како медиум преку кој е пренесена оваа приказна е и суштински дел од самата приказна, која сигурно не би можела да се раскаже на ист начин доколку би била пишувана како класичен роман.

Овде ќе се обидеме да ги пренесеме само клучните сегменти од книгата без да откриваме премногу детали. Во средиштето на љубовната приказна се Ема и Клем. Нивното запознавање, зближување, заљубување, оддалечување, повторно зближување се точки или фази низ кои минува нивната врска, но она што целосно ќе ги поврзе и засекогаш ќе ги обедини, колку и да звучи иронично, е нивната конечна разделба. Обично критичарите пишуваат дека „Сината е најтоплата боја“ е слатко-горчлива приказна, а под „горчливоста“ ја подразбираат токму разделбата меѓу Ема и Клем – но таа точка во дејството секако е онаа што ја прави оваа книга толку силна и, повторно, толку искрена. Освен тоа, Жил’ Маро вешто наоѓа начин да го сочува присуството на Клем преку нејзиниот дневник кој го „читаме“ заедно со Ема низ текот на целата книга. На овој начин приказната станува комплетна и заокружена. И така, „Сината е најтоплата боја“ претставува еден заокружен премин од еуфоријата на тинејџерската заљубеност кон спокојството на една љубов што опстанува засекогаш. Неслучајно книгата завршува со поглед кон бескрајната морска шир, кон мирното синило во кое водата и небото се спојуваат во едно.

Универзална во својата порака, исклучително добро смислена и одлично раскажана, „Сината е најтоплата боја“ од Жил’ Маро е нашата топла препорака за сите читатели што сакаат да го откријат графичкиот роман како жанр.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *