5 одлични романи што може да се прочитаат во еден ден

Избравме пет одлични (и одлично преведени) романи што се читаат во еден здив. Топла препорака за сите љубители на краткиот роман.

 

1. „Се мислам да ставам крај“ од Ијан Рид

превод од англиски: Румена Бужаровска

Или-Или, 195 страници

 

Технички, ова баш и не е краток роман, но е динамичен и со приказна што го држи читателот во неизвесност, така што навистина може да се исчита за еден ден. Мрачен трилер во стил на филмовите на Хичкок, преполн со пресврти и со извонредно психолошки нијансирање на ликовите. Романот почнува со тоа како безимената нараторка и нејзиното момче тргаат на пат со цел да се сретнат со родителите на момчето на една изолирана фарма, за потоа да се претвори во вознемирувачко преиспитување на идентитетот, каењето и копнежот.

 

2. „Цел живот“ од Роберт Зеталер

превод од германски: Катерина Јосифоска

Артконект, 128 страници

 

Целиот живот на главниот лик раскажан на само 128 страници! Авторот го постигнува овој „трик“ така што се концентрира на главните епизоди од животот на Андреас Егер кој се одвива во едно мало село на Алпите. Раскажувајќи спокојно, едноставно и без патетика, Зеталер вешто, само со неколку слики, прикажува како се менува цел еден свет во мало. Прекрасен и моќен роман за суптилната убавина во животот.

 

 

3. „Свила, ножици“ од Ирена Вркљан

превод од хрватски: Иван Шопов

Бегемот, 121 страница

 

Автобиографски, лирски, интимен краток роман, преполн со рефлексии за минатото, за осаменоста, за љубовта. Авторката раскажува за своето детство во Белград, за преселбата на семејството во Загреб во 1941 година по избувнувањето на војната, за растењето, школувањето и созревањето во тој град, за пропаднатиот брак и за животната рутина што ја прекинува со заминувањето во Западен Берлин.

 

 

4. „Преполовениот виконт“ од Итало Калвино

превод од италијански: Анастасија Ѓурчинова

Издавачка дејност 88, 134 страници

 

Необична приказна на еден од најоригиналните италијански автори за виконтот Медардо од Тералба, кој при една битка со турската војска е ранет во градите и се враќа дома поделен на две половини. Едната половина е лоша и вообразена, а другата љубезна и алтруистичка. Фантастика, алегорија и бајка за возрасни – тоа се само некои од описите што одговараат на овој необичен и интересен роман.

 

 

5. „Младата Сопруга“ од Алесандро Барико

превод од италијански: Лилјана Узуновиќ

Антолог, 176 страници

 

Семејна приказна од почетокот на минатиот век, во која ликовите се неименувани за да се долови атмосферата на осаменост и на мистерија. Младата Сопруга доаѓа во елегантна резиденција надвор од градот, но Сопругот е постојано отсутен. Таа го минува времето со неговото семејство во куќата во која владеат ритуални навики, особено бескрајните и богати појадоци. Таму преку ден владеат возбуда, радост, полет, но во ноќните часови завладува немир зашто, како што вели легендата, токму тогаш мажите и жените од семејството умираат.

 

 

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *