5 преубави сликовници за деца и за возрасни

Книгите за деца полека го добиваат заслуженото внимание од македонските издавачи. Избравме пет сликовници од странски автори, преведени на македонски, во кои ќе уживаат и децата и возрасните.

„Јарињата Брусе одат на базен“ од Бјорн Ф. Рорвик и Гри Моурсунд

превод од норвешки: јасминка Марковска

Артконект

Откачена, смешна и прекрасно илустрирана книга која децата ја обожаваат. Ја раскажува приказната за трите јариња што еден ден решаваат да одат  на базен, но нивното уживање ќе го помати лошиот трол. Прва во серијал, ова е наградувана книга од еден од најпознатите норвешки автори за деца, преведена на многу странски јазици и збогатена со прекрасни и внимателно смислени илустрации кои го дополнуваат тонот на раскажувањето. Забава за целото семејство!

„Свадби на животни и нешта“ од Георги Господинов и Раја Господинова

превод од бугарски: Душко Крстевски

Или-Или

Познатиот бугарски автор Георги Господинов ја (пот)пишува оваа интересна книга заедно со својата ќерка Раја, која во времето на создавањето на книгата имала 6 години. Книгата започнува со интересен дијалог меѓу таткото и ќерката и продолжува со низа необични и интересни приказни, дополнети со цртежите на авторите. Интересно замислена и одлично напишана книга.

„Сакам лав“ од Анемари ван дер Еем и Марк Јансен

превод од холандски: Сане ван ден Хеувел

Сказнувалка

Одлично илустрирана и симпатична книга за читатели над 3 години што сакаат домашен миленик (па дури и за оние што не сакаат, ако ги има). Ја раскажува приказната за Марио, кому едно утро му е многу здодевно и решава дека му треба домашен миленик. Точно знае каков миленик сака, само што има еден мал проблем – како да ја убеди мајка си.

„Сигрид и Ноќта“ од Јонс Мелгрен

превод од шведски: Лилјана Илиевска

Гаврош

Лирска, емотивна и интересна приказна за Сигрид, која има тешкотии да заспие. Една вечер, Сигрид ќе склопи необично пријателство со Ноќта. Покрај тоа што е приказна за добра ноќ за децата, ова е книга која ќе им биде интересна и на возрасните читатели бидејќи зборува за теми кои се важни за сите.

„Неверојатната приказна за џиновската круша“ од Јакоб Мартин Стрид

превод од дански: Лара Крстева-Ичокаева

Антолог

Мистериозен остров, пирати, порака во шише и едно необично семе што треба да се засади – ова се елементите во оваа авантуристичка, динамична и интересна книга. Во суштина, не се работи за класична сликовница, туку за краток бајковиден роман за деца, но е целосно илустриран, така што го вбројуваме како топла препорака во овој избор од сликовници.