Александар Маџаровски кон книгата „Татковина“ од Фернандо Арамбуру

Во современите литературни дела експериментирањето со формата на романот не е ништо необично. Некои од карактеристиките на современиот роман како што се фрагментарноста или нелинеарната нарација, кога се добро употребени и вешто изведени, ни нудат, како на читатели, вистинско уживање, но, понекогаш експериментирањето може да го направи романот премногу обременувачки и церебрален, просто измачувачки. Големи се шансите по неколку такви романи човек да почне да копнее по старото добро линеарно раскажување во кое следиме нечија животна приказна и сме вовлечени во еден свет кој не сакаме да го напуштиме кога ќе заврши романот.

Романот „Татковина“ од шпанскиот писател Фернандо Арамбуру, издаден во 2016 г. во Шпанија, кој набрзо по излегувањето предизвика вистинска сензација, е токму таква приказна. Во „Татковина“, Арамбуру ја следи судбината на две семејства од едно село во близина на градот Сан Себастијан, град во северниот дел на Шпанија, дел од покраината Баскија. До пред десетина години, кога ќе се споменеше зборот Баскија или Баскијци, речиси задолжително заедно со него одеше и зборот ЕТА – терористичката организација која се бореше за независност на Баскија сè до официјалниот прекин на сите нејзини вооружени активности во 2009 година и целосно распуштање во 2018 година. Токму во тој свет на Баскија, на ЕТА, на Шпанија во последните три децении од минатиот век нè внесува романот на Арамбуру. Романот е приказна за две семејства кои споделуваат близина и пријателство, за мажите во семејствата кои ги спојува љубовта кон велосипедизмот, за жените кои се блиски пријателки и дури во раната младост биле на мисла заедно да станат калуѓерки, а и за нивните деца кои делат многу спомени од заедничките семејни дружби.

Романот функционира на тој начин што уште на самиот старт авторот ни го открива централниот настан и чин околу кој ќе се расплетува приказната и нанапред и наназад. Уште во раната фаза од романот дознаваме дека Чато, сопругот на Битори и татко на Нереа и Шабиер, одбива да го плати рекетот што од него го бара ЕТА како успешен бизнисмен, најмногу поради недоразбирање, и така станува нивна мета. Низ градот осамнуваат графити во кои тој е нарекуван тиранин, предавник и сл. Уште на самиот почеток на романот дознаваме дека тој ќе биде убиен од страна на ЕТА. Но, работите ги комплицира тоа што Хоше Мари, синот на нивните најдобри пријатели Хошијан и Мирен, заминува да стане дел од ЕТА влегувајќи во терористички акции и учествувајќи во акцијата за убиството на Чато. Токму од тој настан Арамубуру почнува на еден прецизен, трпелив и вешт начин да прави реконструкција и да ја плете приказната на овие две семејства. На 650 страници и во 125 пократки поглавја, тој многу стрпливо ја гради приказната. Тука треба да се забележи дека, иако романот е обемен по бројот на страници, лесно е да се следи приказната, со други зборови, лесно се чита. Во секое од поглавјата фокусот е на еден или на неколку ликови од приказната, но раскажувањето и градењето на приказната не е строго линеарно, туку Арамбуру се навраќа на сцени и настани од минатото на секој од ликовите, но и ја гради приказната по смртта на Чато, прикажувајќи ги настаните во сегашноста и движејќи ги до нивната кулминација. Восхитува волјата, трпеливоста и вештината на авторот полека и прецизно да ја гради приказната составувајќи ја како голема сложувалка составена од многу мали делчиња. Во нашата нетрпеливост и недостаток на фокусирано внимание, на големите романи можеме да им пристапиме со предрасуди и да сметаме дека истата приказна може да се раскаже и на помалку страници, но големите романи нудат нешто што кратките романи не можат да го доловат – продолжен престој во свет кој е убаво изграден и со ликови кои ги запознаваме бавно, но влегуваме во нивниот комплексен свет на уникатни човечки суштества со сопствена историја и сопствена приказна.

Романот „Татковина“ отвора мошне тешки прашања. Прашањето на национализмот, на тероризмот и на дилемата дали работите треба да се решаваат со насилство, на поделбата што тоа ја носи во обичните семејства, на растргнатоста меѓу семејството и заедницата, на социјалниот притисок. Соочени со често неизговорениот притисок и очекувањата од околината, се растураат добри пријателства и во семејствата се создава јаз кој се обидува да ги проголта сите страни. Од една страна, го гледаме засекогаш оштетеното семејство кое загубило свој драг член и кое е во искушение да живее со идентитетот на жртва и сè да гледа низ таа призма, а од друга страна, го гледаме проработувањето на родителскиот, во случајот, мајчинскиот инстинкт и заслепената доверба во најблиските дури и кога знаеме дека грешат и се тргнати на погрешен пат. Она што Арамбуру успева многу успешно да го направи е да им пристапи на овие комплексни прашања на објективен начин без да биде очигледно дека зазема страна. При крајот на книгата, кога во едно од поглавјата Шабиер се наоѓа на конференција на која присуствуваат луѓе што на некој начин биле оштетени од ЕТА, на која еден писател држи говор за неговиот роман, во зборовите на тој писател можеме да го препознаеме и самиот Арамбуру. Писателот во романот вели: „Овој проект, чија цел е со помош на книжевната фикција да оставам сведоштво за злосторствата кои ги изврши една терористичка банда, во мојот случај има двојна мотивација. Од една страна е емпатијата што ја чувствувам за жртвите на тероризмот. Од друга, крајната одбивност што ја чувствувам спрема насилството и кон секоја агресија што го крши владеењето на правото… Најпосле, и јас бев баскиско дете и, како и многу други момчиња од мојата генерација, бев изложен на пропагандата на тероризмот и на доктрината на која беше заснован тој… Пишував и против злосторството извршено под политички изговор, во име на татковината во која група вооружени луѓе, со срамна поддршка од еден дел од општеството, одлучува кој припаѓа во споменатата татковина, а кој би требало да си замине или да исчезне… Но, пишував и поттикнат од желбата да им понудам нешто позитивно на луѓето како мене, пишував во име на книжевноста и уметноста, а со самото тоа и во име на сета добрина и благородност што човечкото суштество ја носи во себе. И во име на достоинството на жртвите на ЕТА, доловувајќи ги во нивната индивидуалност и интимност, а не како обични бројки од една статистика во која се губат поединечните имиња, лица и нивните единствени знаци на идентитетот.“ Во овие извадоци од самиот роман и говорот на тој писател можеме да наѕреме во мотивацијата и на самиот Фернандо Арамбуру.

Романот „Татковина“ е во издание на издавачката куќа „Артконект“, со превод од шпански на Катерина Јосифоска и е дел од серијата наречена „Европски приказни на надеж“, поддржана од „Креативна Европа“ на Европската Унија. Според романот е снимена и телевизиската серија „Татковина“ во продукција на HBO. На крајот, и покрај сета болка и загуба, Арамбуру успева да ја заврши приказната со надеж дека, и покрај сè, помирувањето е можно.

 

Александар Маџаровски

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *