Канонот на македонскиот постмодернизам „Insomnia“ од Димитрие Дурацовски

                                            Несоницата од/на Дурацовски

 

Како Дурацовски го укина времето, за да го прекине дејството или почетокот на крајот на големите нарации.

„Далеку сме од тоа дека минатото е минато бидејќи иднината е метафизички поим и ние немаме на што да се повикаме, освен на тоа што поминало.“ (Дурацовски)

Постмодернизмот, како литературен правец е еден од најкомплексинте и најзахтевните, а од друга страна од најконфузните литературни правци, би рекла дури интелектуално елитистички.

За книгата Insomnia од великанот на македонскиот постмодернизам Дурацовски има неколку расправи за тоа дали е роман или не е.

Ако се прелиста книгата и се разгледа само структурно, со краток преглед на секоја страница, ќе добиеме впечаток дека личи на некој сликарски каталог; понатака, дека личи на нешто навидум стрип; понатака, дека станува збор  за извадоци од дневни или неделни весници; понатака дека се само записи од еден меланхоличен, конфузен, ненаспиен ум… и така може до бескрај, се‘ додека не се натераме да бараме докази дека тоа навистина е роман. Insomnia e всушност книга енциклопедија на македонскиот постмодернистички роман, која додека (се) објаснува, несвесно самата себеси се запишува како роман и така го добиваме најкултниот македонски постмодернистички роман. Роман Несоница или роман кој го претставува будењето на постмодернизмот во нашата книжевност.

Дурацовски со својата Несоница, му пркоси на времето, на сонот, на снегот кој низ целата вселена вее и не прекинува да вее дури и кога се пеколни жештини, само за да се напласти околу спомените, да ги замрзне и така да ги зачува вечно. Снегот вее низ целата книга, сакајќи секој запишан спомен да го смрзне, да го зачува во студенилото на сеќавањето. За возврат, тие од себичност замрзнати спомени, ги храни со по некоја приказна, утешувајќи ја нивната минливост, која полека се претвара во магливост. Но, не му пркоси само на времето, сонот и снегот, и‘ пркоси и на формата, па затоа и дилемата дали ова е навистина роман?

Книгата почнува и завршува со истата дилема: дали Дурацовски го раскажа својот живот или животот на својот роман? Или таа несоница (не)свесно му ја уништи границата меѓу сонот и јавето, меѓу реалноста и фантазијата и дозволи минатото да му создаде ликови или можеби самите ликови од книгата му го создадоа минатото, па затоа не постои јасна дистинкција што е живот, што е измислица. Го замислувам Дурацовски како замислено седи поднаведнат над некоја празна книга, со неиспишани бели страници, како Демјург кој ја крои судбината на своите потчинители, давајќи им ја слободата, од која ќе го создадат овој роман енциклопедија.

Оваа книга, испишувајќи ги судбините или мислите на своите ликови, кои најчесто се вистински ликови од реалноста, ако тоа што го живееме може да се нарече така, се испиша самата во роман, па затоа понатака ќе ја именуваме така – роман.

Идејата дека може да се смета и како енциклопедија е поради обемната информативност која ја нуди. Затоа на почеток спомнав дека постмодернизмот е интелектуално елитистички литературен правец, бидејќи не само што нуди знаење, туку и бара некакво предзнаење за да може да се исчита. Затоа авторот го убива авторот во полза на читателот и станува водич низ страниците на содржината, потпомагајќи да не ја изгуби насоката.

Во романот на Дурацовски се сретнува на изобилство од ликови од уметничкиот  свет, кој со своето присуство потпомагаат да се испише приказната во овој роман, роман за минливоста, што е вусшност една од најважните онтолошки доминанти во постмодернизмот.

Им ги зема зборовите на тие ликови од дневниците, од мислите, од соновите и ги става во својот роман, исполнувајќи така уште една од карктеристиките на постмодернизмот – интертекстуалноста. Но многу често е и автореферентен, цитирајќи се себеси, бидејќи често си се претставува себеси како свој соговорник. Но тоа не е монолог, тоа е само менување на улогите. Му дава на ликот улога да биде писател, додека писателот му ја зема улогата да биде лик, спасувајќи не‘ од хаотичноста само со промена на текот на времето, затоа постојано го носи читателот во некои проспекции, ретроспекции, реконструкции на настани преку приказни или на приказни преку настани со што нагласува уште еден важен постмодернистички момент, тоа е краткиот спој. Тоа претварање на настан во приказна, наеднаш, суптилно пребегнува од приказна во вистински настан. Затоа секогаш сме на граница  меѓу реалноста и фантазијата, меѓу сонот и јавето и меѓу писателот и читателот.

Додека го пишува романот, во кој раскажува многу животни приказни или приказни од нечии (најчесто своите) спомени дава и објаснување за своето пишување „Идејата која ни зборува за зближување на времето и просторот не е само идеја на фантастичната литература, туку е и идеја на на фрагментиранта филозофија на фантазијата, која се обидува да осмислува вртоглави варијации, гротескни, трагични, молчеливи или гласни, на овој или на оној настан, за оваа или за онаа личност, со вистински или со апокрифни податоци.“ (Дурацовски).

Го стеснува времето, за ликовите да можат да го прескокнат, да излезат надвор од просторот, па така неговите ликови со леснотија, во сон патуваат до Египет, враќајќи се назад со пустинска песок во чевлите и џебовите, како доказ дека и во сонот може да се патува. Интертекстуалноста и хипертекстуалноста се главни темели на овој роман, врз кои се гради приказната. Но, иако романот е презаситен од туѓи мислења, спомени, приказни и дејствија, сепак главна врвка, главна приказна е животот на авторот, другите животи се само секвенци, како мали нишки кои ги поврзуваат спомените на авторот.

Книгата структурно е поделена на пасуси, секој пасус е означен со симбол и претставува нов тек на времето, дали напред во идината или во минатото или времето во сонот кој е претсавен како најлесно и најбрзо патувачко средство, кое носи до предели каде се градат приказни и враќа назад докази, бидејќи постмодернзимот вели дека за се‘ што може да се понуди доказ, вистински се случило.

Кога авторот веќе изморен од својата несоница, ќе се измори и како лик од патувањата во своите приказни, го замајува читателот со други раскази претворени во стрипови; го замајува со фотографии од уметнички дела кои  му ги сервира на страниците на романот; го замајува со приказни за приказните на други автори; го замајува со необични осврти на филмови и филмски режисери и книги, но сепак постојано држи чекор со својата приказна, го пишува својот роман.

Некој би рекол дека ова е роман за случајностите, но ова всушност е роман кој покажува дека случајностите не постојат, постои само Демјург кој  како да кажува: не барајте чуда напразно, најголемото чудо е пред вас, а тоа е времето.

Главното време во романот е период од една година од 15 февруари 1999 до 15 февруари 2000 година, но тоа е само време на една заокружена целина. Затоа и постои времето, да заокружуваме, обидувајќи се постојано да му го најдеме почетокот, што всушност е крајот, или алфата и омегата кои ги спомнува Дурацовски во својот роман. Тој период од една година, во неговиот роман личи на некаков колаж, кој Дурацовски како сликар намерно и вешто го создал и го обоил со настани кои тековно се случуваат (бомардирањето на Белград, наездата на беглаци на македонската граница, состојбата на македонската книжевност и политичкиот свет кој ја диктира), кои се случувале (секвенци и извадоци од животот на други вистински и измислени ликови, љубови, пријателства и спомени за нив), но и пророчки предупредил за настани кои ќе се случат. Затоа во постмодернизмот не постојат случајности, постои време кое ита напред ко пргав коњ, чие забавување зависи од тој што ги држи уздите – Демијургот. Но Дурацовски не се задржува само на тоа време во себе, туку го опишува и тоа време надвор од себе, па затоа често низ странициците на неговите приказни ќе наидеме на снегови и студ, на топлотни бранови и свежина од река и на чудни приказни, за кои секогаш остава простор за рационалност за тие што не веруваат во чуда.

Insomnia од Димитрие Дурацовски е роман во роман за тоа како (да) се (на)пише постмодернистички роман.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *