Книги за парадоксите на нашата современост

Оваа година издавачката куќа „Артконект“ од Скопје објави книги од тројца добитници на Наградата за литература на ЕУ. Се работи за награда што им се доделува на млади современи автори кои се во почетните фази на својата кариера, при што наградата е замислена како своевиден поттик за преведување на нивните дела на странски јазици.

Изданијата на „Артконект“ се два романи – „А Бабукар одеше на чело“ од Џовани Доѕини и „Магнетен Рид“ од Река Ман-Вархеѓи – и една збирка раскази, „Мајки и камионџии“ од Ивана Добраковова.

Џовани Доѕини е италијански писател чие што творештво важи за општествено ангажирано и критички настроено кон одредени социјални појави. Така и романот „А Бабукар одеше на чело“ ја допира темата на емигрантите во Европа и нивната секојдневна борба за вклопување во европскиот начин на живот. Непретенциозно, преку неколку обични ликови на Африканци кои минуваат неколку обични денови патувајќи низ Италија, Доѕини се обидува да преземе фрагменти од реалноста и да ги преслика во својот книжевен пејзаж, градејќи приказна која полека го воведува читателот во свет погледнат низ очите на неговите ликови. Оваа постапка и неговиот јасен и концизен стил се одлично доловени и пренесени и во македонското издание преку преводот на Калина Јанева.

Романот „Магнетен Рид“, на македонски преведен од Златко Панзов, е обид на унгарската авторка Река Ман-Вархеѓи да спои еден под-жанр на т.н. „кампус роман“ (т.е. роман за настани што се случуваат на универзитетски кампус) со критичка општествена перспектива пренесена како книжевно раскажување. Така, во „Магнетен Рид“ не е најважна приказната, туку развојот на ликовите и специфичноста на ситуациите што се опишуваат во контекст на современото унгарско општество. Во средиштето на романот е љубовната врска меѓу професор и студентка, која суштински ги менува животите на сите што се на каков било начин засегнати од неа. Критиката често ја оценува книгата и како своевидна реакција на me too движењето, иако авторката често нагласува дека нејзината интенција не била да напише социјален коментар поврзан со ова движење. Во секој случај, иако е лишен од динамично дејство и брзи пресврти, „Магнетен Рид“ е успешен во своето портретирање на унгарското општество кое е длабоко поделено меѓу комунистичкото минато и демократската сегашност.

Трите наградени книги ги обединува тенденцијата на авторите да се занимаваат со актуелни прашања и теми, да понудат книжевен одговор на некои од случувањата во светот во кој живееме. Иако имаат различен пристап и начини да стигнат до одговорите, сите три книги успешно ја извршуваат оваа задача што си ја поставиле нивните автори, но и повеќе од тоа – успеваат да понудат и подлабоко разбирање за нашата секојдневна реалност и за сите парадокси што ги живееме.

Објавувањето на овие тројца добитници на Наградата за литература на ЕУ претставува обид на издавачот да ја промовира оваа награда пред нашите читатели. Освен тоа, од „Артконект“ за 2022 година најавуваат објава на уште 3 одлични романи кои се добитници на истото признание.

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *