Кон збирката раскази „Силуети“ од Станка Бајлозова-Барламова

Пораки во шише

 

 

Уште при првиот прочит на „Силуети“ од Станка Бајлозова-Барламова ја наслутив скриената желба на авторката овие нејзини раскази да се читаат како еден вид „пораки во шише“. Зашто, таа е како оној човек кој „рамнодушно и смирено ги пушташе предметите во вода и остануваше на брегот гледајќи ги како запливуваат по езерската шир“ (2021: 67-68), а нејзините приказни како оние мали стаклени шишенца што „се бореа со езерските бранови сакајќи да запливаат по бистрите води“ (2021: 68). Така и таа како овој спореден лик од нејзината последна слика на летото со многу спомени и неколку лузни, видливи, како оние што се носат на грбот, и/или скриени, како оние што притискаат врз душата, сака да воспостави „имагинарна комуникација со непознат соговорник“ (2021: 69).

Следејќи ја оваа филозофија на пишување, таа не пишува премногу, не обременува со премногу приказни, не ги намножува своите ликови и тие свои ликови не ги става во премногу ситуации. Зашто пораката треба да биде кратка и јасна, а да боли до бесвест, да радува до небо, да поттикнува на размисла. Пораката, особено пораката во шише, треба да стигне до секого и насекаде! Исто онака како што мирисот од прамените коса на Зорана (што потсетува на мирисот на тие добропознати тефтерчиња со идентичен мирис на нејзината прва гума за бришење), исто онака како што мирисот на шампонот од нане, стигнуваа(т) до мене и ме враќаат во моето детство. Ме враќаат на оној неделен ритуал кога мајка ми по целосното капење ја полеваше мојата коса со чај од камилица за да добие мирис и сјај на самата природа. Или додека го читам расказот „Дожд“ низ буквите како да почнува да излегува опојната миризба на босилекот и копривата, зашто Ана едноставно „две шаки од тие бабини тревки истури во врелата вода“ (2021: 15). И исто како што „мирисот на полјана ја надои душата“ (2021: 15) на Ана, така тој мирис ја надои/ надојува и мојата.

Имено, само книжевните/уметничките текстови, само приказните/расказите се оние кои успеваат да се вовлечат меѓу точките и кратките/испрекинатите линии на атласот на животот. Овие нејзини осум ситуации, сеќавања, слики, овие осум мириси (на коса, на шампон, на чај, на прав, на мастило, на нечист автомобил, на самотија…) го откриваат фактот дека постојат и други простори надвор од нашата или вашата, од мојата улица, куќа, соба, канцаларија, надвор од нашето или вашето, од моето време. Творецот/ писателот ја учи духовната азбука за да се ослободи себеси и да ги ослободи луѓето околу себе од неписмениот живот кој раѓа смрт и од неписмената смрт која не раѓа живот. Овие осум врамени фотографии, овие осум кратки филмови, овие осум форми на болката нудат една од многуте опции за едно такво ослободување.

Низ сите осум праказни провејува некоја тага, како онаа за изгубената детска шнола во форма на зелена панделка („Да се убие мислата“), или за реската на дланката што веќе нема кој да ја бакне и така да ја залечи („Реска“), за пенкалото како спомен од неостварената младешка љубов („Мастило“), за белата маичка со зелена пеперуга на средина („Лето“), за потребата од човечки допир („Професорот П.“):

„Професорот П. имаше потреба едноставно од човечки допир. Како што неговите колеги имаа потреба од цигара така и тој имаше потреба да се потчукне со дланките во тесниот ходник со некој од своите колеги, а особено беше задоволен ако тоа беше професорката В.Д.“ (2021: 32)

Тагата преку реалните, но и имагинарните вообразби станува средство за самоспознавање, за осознавање на сопствениот идентитет, за прочистување на душата. Тагата не мора секогаш да биде обична носталгија по одредено место или минато време. Може да се јави како внатрешен презир на осаменоста, како тежина поради сознанието за неприпадноста кон средината, или, едноставно, како притисок поради сопствената празнина. Во нејзиното појавување нема одредени правила. Таа некогаш е толку силна што ги надминува сите разумни ограничувања засегнувајќи во самата смисла на постоењето. Оттаму и поривот да се твори, да се пишува, исто онака како што со и преку пишувањето Ана сака да ја залечи својата тага или своите таги. Едноставно, „со помош на Писмото, не само да се пишува туку и да се залечи, колку што е тоа изводливо, искуството на трајната субјективна раселеност“, пишува Елизабета Шелева во својата книга „Дом/идентитет“. И така чинот на пишување станува единствен чин на ослободување, едно прочистување преку залечување за Ана, но и за професорот П, па и за Веле и за Петар. Чинот на пишување станува единствен чин на ослободување, едно прочистување преку залечување и за самата авторка:

„Со денови не можев да се ослободам од чувството дека околу мене безмилосно и постојано кружат честички прав што ме прогонуваат, ме гушат, едноставно го чувствувам нивното присуство во ноздрите, на дланките, на лицето… Постојано чувствував една иста потреба. Да го потопам телото во вода.“ (2021: 27)

Секако не смее да заборавиме и дека литературата не треба да одговора на зададени задачи. Таа треба да раскажува приказни, и по можност тие приказни да бидат светски, општочовечки, дури и тогаш кога станува збор за прераскажување на најбанални случки од секојдневниот живот.

Во услови на едно неверојатно забрзано живеење и на една интензивна комуникација преку инстант-пораките испратени преку вибер/вајбер или оние малку подолгите како електронско муабетење преку интернет, на фб, но и на разноразни електронски платформи, за мене вистинско освежување се овие пораки во шише на Станка Бајлозова-Барламова. Пораките го започнуваат своето патување од зимата и од снегот како сусптрат на таа зима, од задлабоченоста наша во минатото, а го завршуваат/привршуваат во летото и во песокта како супстрат на тоа лето, во загледаноста наша во иднината. На овие пораки во шише адресата не е точно наведена, така што и примачите на пораките не се строго дефинирани. Зашто, и таа која ни/ви ги испраќа овие пораки и ние/вие кои ги примаме/те тие пораки повеќе од сè ја сакаме апсурдноста на пишувањето, отколку апсурдноста на непишувањето било кому и било кога. Но, најбитно е дека тие пораки патуваат и патуваат и патуваат, но секогаш наоѓаат некое срце во кое ќе можат да се вкотват. Впрочем, срцето е централното место на човечкото постоење. А потребата за патување (во смисла на животен еликсир) е потреба за дијалог или подобро копнеж по дијалог со светот, со Другиот во тебе, со Другиот покрај тебе, со Другиот на другата страна од тебе… зашто и самата Станка Бајлозова-Барламова вели. „Светот го разбирам едноставно како шаренило од луѓе.“ (2021: 65).

Автор: Весна Мојсова-Чепишевска

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *