Кон книгата „Невидливите“ од Тена Штивичиќ

 

Created with GIMP

 

Во книгата „Невидливите“ се опфатени три драмски текстови од хрватската писателка Тена Штивичиќ. Драмскиот текст „Невидливите“ премиерно е изведен во Велика Британија во 2011 година, додека „Седум дена во Загреб“ (2009) и „Искри“ (2007) премиерно се изведени во театарот ЗКМ во Загреб.

Горчливо-слатката сатира „Седум дена во Загреб ги проблематизира судирите што произлегуваат поради генерациски, социјални и културни карактеристики на луѓето и различните реакции на феноменот на промената. Петте протагонисти, соочени со денешниот бирократски, конфликтен и нелогичен свет, стануваат бунтовни, па дури и тврдоглави во застапувањето на своите светогледи. Но и покрај тоа, во заднината на нивните судири се насетува и можноста за некоја заедничка битка за подобар свет.

Универзалноста на проблемите во еден мошне специфичен контекст претставени во „Искри“ ја прави оваа драма една од најуспешните текстови на Штивичиќ. Ова е драма за осаменоста, божемната слобода и заморот од современиот начин на живот, а заплетот е лоциран на еден аеродром, некаде во Западна Европа, каде што сите летови се откажани поради неочекувана снежна бура. Аеродромот, кој вообичаено се доживува како место на движење, симбол на слободата и зближувањето меѓу луѓето, станува место на ограничувања и строга контрола.  Ликовите остануваат заробени и се принудени да се соочат со себеси и со сето она од коешто се обидуваат да избегаат. Создавајќи речиси надреална атмосфера во низа драмски слики со различна атмосфера и тон, Штивичиќ ги портретира културните судири меѓу Истокот и Западот, подемите и падовите на модерната љубов, разочарувањата и утехите кои ги носат пријателите и семејството. На тој начин, отпрво отуѓените ликови во „Искри“ сепак откриваат надеж, и тоа во најнеочекуваните ситуации.

Обидите на емигрантите од Источна Европа да го најдат својот пат до сонуваниот поубав живот во Велика Британија е претставен во последната драма на оваа збирка, „Невидливите“.  Контрастите и апсурдните разлики помеѓу светот на емигрантите и светот на Британците се прикажани паралелно во низа драмски слики кои не се хронолошки поврзани, а кои сепак водат кон кулминативен судир. Преку оваа специфична фрагментарна структура на текстот, секој од ликовите, но и секој од гледачите, односно читателите, е повикан да го најде својот излез од социјалните и културните конфликти на (не)припадноста што нè допираат сите нас.

Токму темата на неприпадноста и чувството на отуѓеност кај современиот човек се едни од главните преокупации во овие драми на Штивичиќ.Текстовите не нудат конечни одговори за надминување на ова чувство, но ги тематизираат можните излези и надежни решенија. Штивичиќ оперира со специфична театарска поетика составена од контрасти, брзи промени во тонот како и прекршувања на очекувањата на читателот, односно гледачот. Овој метод е комплементарен на современите конфликтни, често апсурдни ситуации кои се портретирани во нејзините текстови, што ја зајакнува кохенрентноста на навидум лабавата структурата на драмскиот свет на Штивичиќ. Токму овие елементи се клучните кои ги издвојува критиката кога посочува дека Тена Штивичиќ е една од најинтересните балкански и европски драматурзи од помладата генерација.

Тена Штивичиќ (1977) дипломирала драматургија на Академијата за драмски уметности во Загреб, а во 2004 година магистрирала на катедрата за драматургија на лондонскиот колеџ Голдсмит. Оттогаш живее и работи во Лондон, а пишува на хрватски и на англиски јазик. Нејзините драми се изведени во повеќе европски земји, преведени се на петнаесетина јазици и добиле голем број награди, меѓу кои Европската авторска награда и Наградата за иновативност на Хајделберг Штикемаркт во 2008 година.

Драмата „Три зими“, пишувана на англиски јазик, е изведена во Националниот театар во Лондон кон крајот на 2014 година и ја има освоено наградата „Сузан Смит Блекбрн“ за 2015 година. Драмите „Не можеш да побегнеш од неделата“, „Две“ и „Fragile!“ се објавени во книгата „Две и други“ (2008). Штивичиќ има објавено и две збирки колумни: „Одбројување“ (2007) и „Ѓаволот не спие“ (2010).

Преводот и објавувањето на книгата „Невидливите“ на македонски јазик е поддржан од програмата Креативна Европа на Европската комисија. Книгата е издадена како дел од проектот „Европски приказни на надеж“ на издавачката куќа „Артконект“ од Скопје. Преводот на книгата од хрватски го изработи Владимир Јанковски.

 

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *