Кон „Санитарна енигма“ од Јасна Котеска

За санитарноста

 

      „Во ова капиталистичко општество, најдемократско нешто што се случило е токму вирусов бидејќи се заразуваат од него и богатите и сиромашните и функцуонерите и политичарите и уметниците и така натаму, иако нели, се знае кои се најзагрозените.“ Жижек

Иако пандемијата го заплаши светот и доведе до глобална анксиозност, има места кај што и позитивно влијеше (иако тоа звучи доста оксиморонски: вирус и позитивно влијание), а тоа не е само кај производителите на заштитни маски и средства за дезинфекција, туку и кај книжевноста, односно само кај нејзините создавачи бидејќи сепак се одрази негативно во нејзиното промовирање со тоа што беа откажани многу настани.

Во време на оваа пандемија, во нашата книжевност, во македонската, се случи да се реиздаде едно генијално дело, кое не можеше да излезе во попогоден момент, од овој. Tоа е делото „Санитарна енигма“, на еден од најгенијалните мислители и филозофи во нашево време, на проф. Д-р. Јасна Котеска. Делото е комплексно, a неговото исчитување е на некој начин книжевна вакцина против вирусот.

Ова беше период кога светот стана опседнат со санитарноста како хигиена, почнувајќи од себеси, па до своите домови, како единствен начин на продолжување, односно, опстојување на човечкиот род.  Кај повеќето луѓе, вклучувајќи ме и мене почетокот на карантионт значеше среќа, бидејќи наеднаш, непланирано имав/ме време да ги направиме работите за кои пред тоа немавме и  беше чудно, дури непријатно, со грижа на совест што во таков период баш бев среќна ама читајќи ја книгата на Јасна, на едно место кај што го има цитирано Фројд, најдов објаснување за моето чувство, вика: „Среќата е ненадајно задоволување на натрупаните потреби“. Е сега, подоцна го доживеав и тоа дека е само епизоден феномен, но претпоставувам дека сите го доживеаа тоа ненадајно задоволување на натрупаните потреби, посебно потребите поврзани со себе.

Работава со книгата на Котеска е што за се‘ поврзано со пандемијава и чувствата на припадност или неприпадност кои ги разбуди кај сите нас соочени со себе, може да се најдат таму. Мене најмногу ме заинтригира делот за грижата на совеста која ја спомнав погоре, за која  Јасна пишува дека е наметнато самоказнување или локализирање на агрсијата од страна на културата т.е. општеството, ако се чувствуваш убаво тогаш кога културата вика дека не треба.

Во нејзината книга исто така пишува дека задоволувањата на потребите е среќа, но и страдање истовремено, кога надворешниот свет не‘ остава да гладуваме недзволувајќи ни да си ги задоволме потребите. Иако за време на карантинот задоволувањето на потребите се сведе на тоа физичко задоволување на нагонот за глад, ама и тоа задоволување ни беше ограничено и мислам дека оттаму произлезе најголемата агресија, депресија, страв и нервоза кај голем број   луѓе, токму поради тоа ограничување на задоволувањето на потребите.

Книжевноста во овој период (мене ми) овозможи отцепување од тоа што Фројд го нарекува океанско чувство и пребегување кон некој свој внатрешен свет, овозможувајќи ми така, на некој начин прибрежиште на  повеќе постојана среќа, а кое отцепување, Јасна Котеска го разглобува во нејзината книга.  Во овој случај, културата за која Фројд вика дека меѓу другото треба да не‘ заштити од природните сили, не го стори тоа, а Јасна објаснува како, иако не конкретно  за ситуацијава, бидејќи книгата е напишана многу пред ова.

Во „Санитарна енигма“, Котеска пишува дека човекот е нагонско битие и без неговите нагони не може да се протолкува ни неговата среќа ни неговата култура и светот како да е замрзнат, ограничувајќи ги задоволствата односно нагоните на луѓето. Тоа што Хераклит го нарекуваше „панта реи“ односно се‘ тече, се‘ се менува, застана, и од тоа застанување се зголемија фрустрациите и анксиозноста кај луѓето. А од друга страна пак, несреќите, фрустрациите и нервозите кои произлегоа од забраната за задоволување на нагоните, се нужно зло без кое не се може бидејќи тие помагаат во развојот на културата, преку достигнувањата во науките и уметноста. Така, иако светот моментално е замрзнат, она што единствено се движи во него, а на тој начин и го држи во живот е токму науката и уметноста. Но иако во време на пандемија, се создава многу уметност, таа останува или станува  да биде ларпурлартистичка, бидејќи реално, не може да ја смени моменталната состојба на светот и тоа што се случува со него. Уметноста не може да го спаси светот

 

Котеска во нејзината книга зборува за санитарноста како стерилност, но и како хигиена, чие одржување повеќе е наметнато од културата, а не како тоа што го знаеме дека „хигиената е половина здравје“, но сега имаме случај во кој вирусот се појави како резултат на нашата „нехигиена“ и лоши навики и преку прекумерена чистота сакаме да го отстраниме и да се вратиме назад кон нормалното, односно ритуалното. Всушност, знак прашалник е дали таа хигиена на која пак не‘ принудува културата т.е општеството е навистина единствен начин да се спасиме или е пак наметнато контролирање на толпата и обиденување на сите култури за прочистување преку миење раце и држење дистанца?

За санитарноста како болест или потреба, за чистото, за пазарењето со своите желби, за културата или што би рекол Фројд- неугодното во културата, за нагоните и нивното (не)задоволување, за стабилноста, за шизофреноста и агресијата, за душата и сексуалноста, за љубовта и осаменоста, едноставно за секој абјект што ќе ви падне на памет, може да  најдете во книгата на Јасна Котеска.

       Ако бришењето на прашина како што пишува во „Санитарна енигма“  е себеочистување, тогаш исчитувањето на книгата на Котеска е бришење на прашината од свеста и свесноста за себе, од спознавањето на себе и корените на своите стравови и однесувања.

Автор: Дијана Петрова

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *