Мајчиниот јазик – мојот корен, мојата душа и моето јас

Народот без јазик е како патник кој го изгубил својот пат, кој не знае каде тргнал и каде ќе оди. Нашиот пат до ова што сме денес – слободна земја, со сопствен јазик, не бил ни малку лесен. Испреплетен со потешкотии и искушенија, но сепак пат, кој без оглед на неповолните околности решиле да го изодат до крај нашите народни херои. Нивниот македонски патриотизам ги победува сите странски пропаганди кои со години работеле да го уништат ова парче земја и македонскиот народ.

Во првите борбени редови на крвавата борба против окупаторите со цел да не одмакедончат, борба за слобода и независност, за правото на употреба на својот јазик, за докажување на неговата посебност застанал човекот кој ги поставил темелите на современата македонска национална историја – Крсте Петков Мисирков.  Читајќи ја петтата статија од неговото најзначајно книжевно дело „За македонцките работи“ сфатив колкава всушност привилегија ние денес имаме, да живееме во слободна земја, да зборуваме на сопствен Македонски јазик и да имаме свое писмо –  фасцинантниот сон на многу генерации пред нас. Кога би требало со еден збор да опишам што предизвика кај мене делото на Мисирков, тоа би било восхит. И покрај животот кој не бил така „розов“ за македонистите и националните дејци, следбениците на делото на Ѓорија Пулевски, сепак останале достојни на своите идеали и благодарение на нив, сме ова што сме денес.

Она што ми остави најсилен впечаток е страста во зборовите на Мисирков  – „Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња , значи да му остане верен на духот на своите прадедовци и да почитува сè  што  имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“        – извонредно моќни зборови овековечени во петтата статија од  „За македонцките работи“.

Многумина се обиделе да го стивнат гласот на човекот кој претендирал еволуција, а не само револуција, да го згаснат пламенот на неговото дело, но како што се вели „и да ги искинеш сите цвеќиња, не можеш да го запреш доаѓањто на пролетта“, па конечните одговори на 5те негови прашања ги добиваме во 1945 со кодификацијата на македонскиот јазик и правопис.

Иако некои мисли во „3а македонцките работи” денес ги прегазило времето, иако подоцна некои од неговите поставки за нашиот литературен јазик претрпуваат промени, сепак ставовите на Мисирков эа литературниот јазик и правопис денеска немаат ништо изгубено од својата вредност. Напротив, тие се веќе реалност.

  • За основа на литературниот јазик се земени централните македонски говори;
  • Се користи фонетски правопис (со мали отстапки);
  • Речникот се збогатува со зборови од сите македонски наречја.

Mакедонскиот јазик денес е познат и афирмиран во светот со својата јазична структура и богат лексички фонд и има свое место во словенското јазично семејство. Нашата многувековна писмена традиција е најголемо сведоштво за посебноста на македонскиот јазик и самобитноста на македонскиот народ. Јазикот е нашата единствена неподелена татковина, па следејќи го примерот на Мисирков, Конески, треба да се развива свеста кај младите генерации и да направиме се‘ што е во наша моќ за да ги зачуваме независноста и интегритетот на нашиот јазик –  само така ќе бидеме достојни да се наречеме себе си вистински Македонци.

 

Кристина Радева

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *