(не)заборавени книги – Враќањето на Филип Латиновиќ

„Враќањето на Филип Латиновиќ“ од Мирослав Крлежа е роман во кој прикказната  се гради од најинтимните делови на потсвеста, односно совеста и ги поставува само темелите. Остануваат празни местата на кои треба да (по)стојат ѕидовите, но тоа не значи дека романот има недостаток, туку дека трага (ликот) по неговиот идентитет, за да може да ги изгради ѕидовите врз тие разнишани, несигурни темели, на кои доволен е само нежен ветер од далечините на минатото, да ги направи несигурни.

Секој роман има своја приказна, а во овој, акцентот е ставен на немањето приказна. Не дека во романот е изоставена приказната, туку е ставена животната приказна на главниот лик – Филип Латиновиќ, која исто како и во романот, се гради навнатре, не нанадвор.

Кога внатре е пусто, јалово, меланхолично, мириса на застоена тага нагризана од мувла, чиј мирис и преку погледот се чувствува, надвор се‘ е бесмислно, распадливо, непостојано. Затоа, приказната на Филип Латиновиќ е раскажана како отсуство на приказна.

Филип уште како дете, воспитуван од строгиот морализаторски дух на мајка му, гледа како телото на неговата мајка морално се раздава. Затоа, најголемата причина за отсуството на неговата приказна е постојаната борба (во неговата глава), помеѓу духот и материјата.

Уште како дете, кое непослушно ги троши украдените пари од мајка му е избркан на улица и без своја волја и желба, натеран е да се соочи со грубоста, безмилосноста и ладнокрвноста на материјата, односно светот.

Таа постојана борба помеѓу духот и материјата наоѓа начин да ја покаже пред светот со тоа што станува сликар. Својата душевна состојба ја материјалира во слика, која секогаш во својата завршна форма го разочарува.

Го разочарува најмногу тоа што светот изгледа како воопшто да не е загрижен за таа постојана војна и не само за тоа, светот воопшто не е загрижен за ништо, освен за полнењето на својот стомак и неговото празнење.

Сликар, кој после многу години, по покана на мајка му, се враќа во родното место. Ги обвинува сите околу него, најмногу мајка му за својата психолошка состојба, заборавајќи дека таа околина му даде доволно простор и време, го прати далеку од нив, за да сфати дека неприлагоденоста не му ја предизвикуваат тие, туку тој ја носи во себе.

Романот ретроспкцсики се навраќа во детството на Латиновиќ, во ситуации, преку кои како да сака да го оправда неговото однесување. Се враќа Филип во своето родно место и гледа на сите луѓе надмено, вклучуваји ја и својата мајка барајќи постојана вина во нив и гледајќи ги преку лупа сите нивни постапки, осудувајќи го нивното живуркање, несвесен дека тоа живуркање го следи и него, само од поразличен аспект, од аспект на судија.

На крај, романот ја завршува „приказната“ на Филип Латиновиќ, нафрлувајќи му ги наеднаш сите информации по кои цел живот трага, како најважна – кој е неговиот вистински татко, покажувајќи му на читателот дека всушност сите тие потраги ниту малку не се виновни за неговиот изгубен идентитет, туку тој самиот себеси се изгубил, лебдејќи помеѓу духот и материјата, под изговор на изгубен идентитет, пуштајќи го животот како жива песок да му се промакне низ прсти, несфаќајќи дека можеби тоа полнење и празнење на стомакот, за кој ги обвинуваше другите е токму смислата на животот – живуркањето.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *