Сигурното си е (не)сигурно: „Антарктик“ на Клер Киган

Created with GIMP

 

Според Опсервер, расказите во книгата Антарктик „се меѓу најдобрите современи раскази напишани на англиски јазик“. Како потврда за тоа се и многубројните книжевни признанија што авторката Клер Киган ги има добиено за оваа книга: престижната награда „Руни“ за ирска книжевност, најдобра книга на Лос Анџелес Тајмс за 2001 година, наградата „Вилијам Тревор“ и наградата „Мартин Хили“.

Расказите во Антарктик го вовлекуваат читателот силно во себе, имаат невообичаени пресврти, а авторката маестрално игра со јазикот и различните стилови на пишување. Така, во првиот расказ, една среќно омажена жена ќе реши да појде надвор од градот за да најде непознат маж со кого би имала секс. Во расказот „Пасошка супа“, пак, владее неподнослива тишина исполнета со горчина и чувство на јад, густо собрана меѓу двајца сопружници поради тоа што еден од нив ја изгубил нивната ќерка во полето зад куќата и така таа засекогаш исчезнала: низ целиот расказ чувствуваме дека таа тишина, кај и да е, ќе експлодира. Друг расказ, „Љубов во високата трева“ зборува за врската меѓу немажена жена и женет маж: таа премногу години го чека да ја остави сопругата и полека ја губи сопствената младост…

Би рекла дека на авторката ѝ е исто толку позната топлината на домот колку и студенилото што знае да завладее. Така, таа мајсторски игра со контрасти, со носталгијата и желбата за подобра иднина, наспрема неподносливоста на сегашноста. На пример, расказот „Во најдлабокото“ зборува за силната поврзаност меѓу една дадилка и малото момче што го чува, за ужасот кај неа при самата помисла дека би можело некогаш нешто да му се случи: „Зад сигурноста на нејзиното рамо, забележува опасност. Зад неа, ништо“.

Има безброј стапици во расказите на Киган, безброј заплеткувања и расплеткувања, во кои читателот и самиот мисловно е втурнат и со тоа Киган баш фино ја растресува површноста на секојдневието: „Што да прави човек кога вистината не е нешто во кое некој би поверувал? Што да прави?“, се прашува еден од ликовите во книгата, фрлен во безизлезна ситуација на, како што нему му се чини, живот или смрт.

Авторката е свесна како траумите од минатото на ликовите е многу можно да влијаат на нивните моментални одлуки, особено на оние што се носат по линија на помал отпор, зашто „сигурно си е сигурно“, како што вели ликот во еден расказ, мислејќи дека дури и ако „сигурното“ (она што ни е добро познато) значи лош исход за нас, сепак најчесто гравитираме кон него.

Но според мене оваа книга е значаен обид за раскрстување со минатото. Така, во „Чудно име за момче“ жената вели: „Нема да бидам жената што го штити својот маж како да е дете. Тој дел од моето семејство завршува со мене“.

Ликовите во оваа книга силно тежнеат кон себеослободување, често со некој навидум мал чин кој им носи целосен пресврт, и тоа најчесто на крајот на расказите. Така, расказот „Сестри“ е за две сестри, „Луиза со златната коса и смарагдните обетки, изгледајќи многу помлада одошто е; Бети со кафеавата коса и машките раце и годините јасно видливи на лицето“; или, како што велела мајка им, тие две се „како небо и земја“. Бети е пожртвуваната, Луиза разгалената, а крајот на овој расказ носи совршено симболично расчистување на сметките.

Жените во ова дело на Киган се понекогаш сочувствителни, понекогаш опасни, понекогаш и двете.

„Јас сум девојче за илјада намени“, ќе рече малото вредно девојче во една фамилија во која – жените се тие што се работливи а мажите се привилегирани само затоа што се мажи.

Во овие раскази на жените често им е смачено да ја играат улогата што другите ја очекуваат од нив и сакаат да го разбијат тоa, понекогаш и со непромислени гестови кои ветуваат поинаква иднина. На пример, несреќно омажената Розлин ќе се впушти во авантура со маж што ѝ се чини храбар и ја поддржува и неа да биде таква, а ќе го запознае преку кус оглас во весник: „Не ѝ се верува дека довозе дотука за да се сретне со тип што никогаш го немаше видено“.

Киган нè потсетува дека литературата секогаш црпи од животот (и обратно) и работата на авторите знае да е безмилосна во обидот да биде бунтовна и да им пркоси на стереотипите. Во „Чудно име за момче“ жената решава да пишува роман во кој сместува ликови што ги базира на своите дволични женски роднини („темпераментни жени со рамни стомаци што се откажале, и тоа го нарекуваат среќа“), и за тоа што пишува за нив вели: „Кога само би знаеле. Не знаат какви маски им направив, како им одзедов 20 години од тешко заработените лица, ги сметив во друга земја, им ги сменив имињата. Ги превртев наопаку како стари ваклани чорапи. Какви лаги изнакажав“, а тие „сакаат да мислат дека ме научиле да разликувам добро од лошо, ме научиле на манири и на доблеста на трудољубивоста.“

Киган нè учи да бидеме палави, но и предупредува за можните последици од таквиот чин.
„Антарктик“ отворено го покажува своето сечило и не се плаши да боцне и да засече, особено некој дел од кој веќе нема(ме) корист во животот.

Пишува: Маја Лазаревска

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *